Mицкоски вели со „замрзнат“ имот не можат да се подготват за избори
За првиот човек на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, замрзнувањето на имотот на партијата е политички прогон. Ова го изјави синоќа за Алсат М.
Потенцира дека тоа се случува на шест месеци пред избори и додава дека во ваква ситуација опозицијата не може да се подготви за предизборната кампања, независно дали со претседателските ќе има и предвремени парламентарни избори.
Тој не се согласува со проценките на СЈО дека белиот дворец чини 14 милиони евра.
„Логично е кога гледате дека кога имате потешкотии со ликвидноста, логично е да се обидете трошоците да ги рацинализирате и таа процедура или тој процес на рационализирање на тие трошоци ние одлучивме да ВМРО – ДПМНЕ што се однесува до централното седиште на партијата или да го продадеме доколку добиеме соодветна понуда или истото да го издадеме“, изјави Мицкоски.
Рече дека ќе се трудат да ги рационализираат трошоците.
Судот деновиве ја замрзнал продажбата на вкупно 69 објекти во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои е и дел од партиското седиште - палатата „Христо Татарчев“.
Како што е објаснето од страна на Специјалното јавно обвинителство, овој имот главно се набавува во периодот од 2013 до 2015 година и се наоѓа низ цела Македонија.
СЈО уште додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт го отвори случајот „Талир“ за незаконски стекнат имот, во кој првоосомничен е поранешниот претседател на партијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
