Мицкоски тврди дека власта ги задолжила граѓаните без да соопшти
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека опстојувањето на актуелната Влада е резултат на бројки, а не на реалното расположение на граѓаните.
Вели дека во Македонија продолжува економското цунами. Мицкоски тврди дека новата власт ја задолжила Република Македонија, а тоа не им го кажале на граѓаните.
„На веб страницата на Министерството за финансии многу лесно можете да прочитате дека државниот долг е еднаков на 38,7 проценти. Но, вистината е поинаква, бидејќи БДП во 2017 година не порасна, односно остана еднаков на нула, тоест тој е ист како што беше во 2016 година, тогаш Министерството за финансии треба да го нивелира и податокот за државниот долг кој што сега наместо 38,7 проценти, изнесува 40,7 проценти. За 200 милини евра граѓаните во Република Македонија се посиромашни во 2017 година споредено од тоа што биле во 2016 година. Вчера, во текот на вчерашниот ден, претставници на Светска Банка во Република Македонија презентираа уште еден поразителен факт кој што е резултат на оваа цунами економска политика на владата во Република Македонија“- изјави Мицкоски.
Вели дека власта го нивелирала на 2,3 проценти веќе претпоставуваниот и предвиден раст на економијата од 3,2 отсто за 2018. година.
Според него, граѓаните во 2018 година ќе бидат посиромашни за 100 милиони евра, споредено со 2017.
