Мицкоски: Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека и покрај политичките притисоци, уставни измени под бугарски диктат нема да има. Според него, само предвремени избори се решение.
„Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници. Ако мислите дека на состаноците разговараме какво е времето надвор од канцеларијата или читаме поезија, тогаш се лажете. Тоа се состаноци каде што сериозно ги аргументираме позициите, тие траат неколку часови и ВМРО-ДПМНЕ не го прави тоа затоа што е инаетлива, туку затоа што сме загрижени за постоењето на македонскиот народ, за неговата иднина и за иднината на Македонија и затоа, иако не бевме консултирани за предлозите, нудевме решенија кои власта не ги прифаќаше“, рече Мицкоски.
Мицкоски ја коментираше и изјавата на американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, во која таа ги охрабри граѓаните да им дадат до знаење на политичарите дали сакаат да бидат дел од ЕУ или не. Тој изјави дека „апсолутно се согласува“ со Агелер, нагласувајќи дека предвремените избори се теренот кога граѓаните ќе изберат по кој пат ќе чекорат кон ЕУ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ очекува дека за неколку месеци ќе има нова влада.
Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар утре доаѓа во посета на земјава. Преку трибини и кампања „Ние сме Европа“ тешки 80.000 евра, Владата ќе ги убедува граѓаните дека единствена опција за иднината на државата е ЕУ.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
