Мицкоски: Стана практика амбасадорите да се мешаат во државните работи, нека понудат решенија
Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера го критикуваше ставот на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судскиот совет и Советот на обвинители. И американската амбасадорка Ангела Агелер порача да се почитува извештајот на европските експерти. На ова денеска реагираше премиерот Христијан Мицкоски, кој вели дека станало практика амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата.
„Видете, ја слушнав таа изјава. Некако стана практика амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата. Но, во ред, дури и ако е така. За оваа коалиција гласаа 600.000 граѓани, се гледа дека тоа ништо не им значи. За политиките и програмата на оваа влада. Истите велат дека состојбата со правната држава е катастрофална. Истите во нивните извештаи велат дека криминалот и корупцијата цветаат. Довербата во Судскиот совет и во Обвинителскиот совет е од 2-3 отсто, се гледа дека работите не функционираат.
Логично е рационална и конструктивна личност кога ќе видите проблем да бара решение. Еве ние понудивме решение, океј, не се важни 600.000 гласови за амбасадорите, не е важна владината програма, ако знаат подобро решение нека дојдат да покажат, подготвен сум да разговараме“, рече меѓу другото Мицкоски .
