Мицкоски: Средбата со Али Ахмети беше успешна
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја оцени средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како успешна по разговорите за кадровското решение кое го нуди опозицијата како министер за внатрешни работи во техничката Влада.
Мицкоски рече дека името на министерот ќе биде обелоденето веднаш по средбата со премиерот Зоран Заев во Владата која следува во моментов.
„Го запознавме раководството на ДУИ со нашиот предлог. Очекувам дека ќе имаме успешна средба со премиерот во заминување и веднаш потоа ќе го соопштиме името. Јавноста тогаш ќе дознае повеќе за неговиот профил. Станува збор за професионално решение“, рече Мицкоски по средбата во Собранието.
Али Ахмети истовремено рече дека предлогот на Мицкоски е допадлив со интересна биографија и дека нема ништо против профилот на потенцијалниот министер доколку за тоа решение се согласи и премиерот Зоран Заев.
