Мицкоски: Состојбата со енергенсите е стабилна, засега нема најава за поскапување на струјата
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека состојбата со снабдувањето со енергенси е стабилна и дека во моментов нема причина за загриженост во делот на електричната енергија, нафтата и нафтените деривати. Тој посочи дека Владата ја следи состојбата со цените на горивата и дека, доколку има нов раст, ќе се разгледаат дополнителни мерки.
„Во овој момент состојбата е стабилна и не гледам апсолутно никаква причина за страв од немање енергенси, воведување кризни состојби и во делот на пазарот на електрична енергија и во делот на нафта и нафтени деривати“, рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на цените на горивата, премиерот рече дека неделава во земјава имало намалување кај дел од дериватите.
„Единствената земја во регионот што оваа недела не ги покачи, односно ги намали цените на горивата е Македонија. Безоловниот 95 и 98 е намален за 2,5 денари, а дизелот не се покачи“, посочи тој.
Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи да ја следи состојбата и дека, доколку дојде до ново зголемување на цените, ќе се разгледа можноста за продолжување на постојните мерки, како и користење на други механизми.
„Доколку видиме дека ќе имаме зголемување на цените на безоловниот бензин и на дизелот, тогаш апсолутно ќе ја продолжиме таа мерка... Имаме уште алатки на располагање, тука се и акцизите“, рече премиерот.
Во однос на електричната енергија, тој посочи дека засега нема најава за зголемување на цената за домаќинствата.
„Нема да има поскапување на цената на електричната енергија за граѓаните, така што целата состојба е под апсолутна контрола“, изјави Мицкоски.
Премиерот се осврна и на инфлацијата, наведувајќи дека според последните податоци, таа бележи благо намалување.
„Во јануари беше 3,1%, а во февруари падна под 3%, и беше една од најниските стапки на инфлација во Европа“, рече тој.
Во делот на цените на основните производи, Мицкоски рече дека инспекциските служби ја следат состојбата на терен и дека се подготвуваат законски измени со повисоки казни за евентуални злоупотреби на пазарот.
„На терен е Државниот пазарен инспекторат, 30 тима ја следат состојбата... се подготвува нов закон со многу поголеми глоби за оние трговци што ќе се однесуваат девијантно и непазарно“, изјави премиерот.
Изјавите на Мицкоски доаѓаат во период кога јавноста внимателно ги следи движењата кај цените на горивата, електричната енергија и основните прехранбени производи, како и можните ефекти врз животниот стандард.
