Мицкоски со реакција по исплатените 27 милиони евра субвенции за тутун
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на средбите со граѓаните во општина Сарај рече дека Владата и министерот за земјоделство, Љупчо Николовски го залажуваат народот со исплатените 27 милиони евра субвенции за тутунот пред претседателските избори.
„Денеска слушнав дека, конечно, по месеци тактизирање, ги исплатил практично субвенциите за земјоделците и добро е тоа што го направил, ако го направил, затоа што тие луѓе, конечно, за својата мака, за својата пот, за својот труд го добиле она што државата по редовна основа треба да им го исплати, а тоа се субвенциите. Но, тие повторно го потценија народот, повторно го навредија народот. Тактизираа со месеци, не исплаќаа и мислеа дека сега три дена пред да се случи гласањето на претседателските избори дека на тој начин практично ќе го поткупат народот. Повторно го потценија и повторно го навредија народот. Добро е што им текнало ова да го направат, но народот тоа што го мисли, ќе им каже на 21 април и на 5 мај. Јас сум сигурен дека на 21 април земјоделците ќе му кажат едно големо збогум и на овој министер и на неговиот ментор Зоран Заев“, објаснил Мицкоски.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска исплати над 80 отсто од вкупно планираната сума за субвенции за тутунот од реколтата 2018. На сметките на 26.776 тутунопроизводители денеска се исплатија над 27 милиони евра.
