Мицкоски: Снабдувањето со нафта е стабилно, горивата во земјава остануваат меѓу најевтините во регионот
Скопје, 17 април 2026 – Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во моментов нема нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати и дека државата располага со доволни количини за потребите на граѓаните и стопанството.
Тој посочи дека состојбата со дизелот, бензините и керозинот е стабилна, а институциите се во постојана комуникација со снабдувачите. Според него, во овој момент нема индиции за проблеми во синџирот на испорака, ниту за граѓаните, ниту за компаниите.
Мицкоски нагласи дека резерви има и во државните складишта, како и преку нафтоводната врска со Солун и капацитетите на ОКТА, кои, како што рече, се ставени во функција.
Премиерот рече и дека потрошувачката на гориво е зголемена, а во одредени денови растот достигнува и до 30 проценти. Според него, причината за тоа е што дел од граѓаните од соседните земји доаѓаат во Македонија за да наполнат гориво, особено во пограничните подрачја.
Како што наведе, најголем притисок има на северната, јужната и западната граница, бидејќи цените на дизелот и бензините во земјава се пониски во споредба со дел од соседството. Тој додаде и дека Македонија снабдува со керозин и неколку аеродроми во регионот, меѓу кои и аеродромот во Приштина.
Во однос на можноста за евентуален недостиг, Мицкоски изјави дека засега нема причина за загриженост. Доколку се појави таков ризик, рече тој, државата навремено ќе реагира и ќе приспособи соодветна стратегија.
На прашањето дали се разгледува можност за ограничување на точењето гориво во пограничните места, премиерот повтори дека состојбата во моментов е стабилна и дека не се забележуваат знаци на недостиг.
Изјавата Мицкоски ја даде при поставувањето камен-темелник за доградба на ООУ „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров.
