Мицкоски седна на жешкото столче, Груевски очекува разум и решителност
Христијан Мицкоски може и ефективно да започне со вршење на функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ откако завршија сите формалности, вклучувајќи го и примопредавањето на кабинетот во партиското седиште со сега веќе почесниот претседател на партијата. Груевски му посакал голем успех на Мицкоски од кого очекува разум и решителност во носењето на одлуките.
„Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски му посака успех во работа на новоизбраниот претседател Мицкоски, истакнувајќи дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните очекуваат мудрост и разум во одлучувањето, како и решителност во справувањето со предизвиците наметнати од Владата, пред се економското фијаско што и се случува на државата, безидејноста на власта, загрозената слобода и заробената држава“, велат од партијата.
Мицкоски ќе се фокусира на зајакнување на партијата, ќе креира политика на стабилност и заштита на државните интереси, но ќе отвори и многу мостови за соработка.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски посочи дека водењето на ВМРО-ДПМНЕ преставува голема чест и предизвик, дека ќе биде максимално насочен кон исполнување на очекувањата и креирање на понуда за она што се очекува од ВМРО-ДПМНЕ да биде одговорна опозиција и жесток критичар на сите неразумни политики од владата“, пишува во соопштението“.
Од Мицкоски се очекува во најбрзо време да постави свој тим со кого ќе ги реализира партиските агенди, најверојатно ќе има и освежување на секторот за комуникации во партијата, како и нов координатор на пратениците во Собранието со кого ќе треба директно да комуницира за следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ.
