МИЦКОСКИ СЕ СПРЕМА ДА ЗАМИНЕ ВО БРИСЕЛ: „Ако си најдат некоја друга влада, тогаш нека си ја донесат, нека прави отстапки“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави дека во вторник ќе отпатува за Брисел, а ќе се врати во четврток. Според него, пораките од Европската Унија остануваат нејасни, но ставот на Владата е јасен и категоричен – Македонија веќе направила доволно за напредокот во европските интеграции.
„Ние ќе продолжиме да промовираме европски вредности и да ги исполниме домашните задачи. Ако ЕУ е подготвена да најдеме конструктивно решение, ние сме спремни позитивно да одговориме. Во спротивно, можам да заклучам дека Балканот, за жал, не е во фокусот на оваа администрација на Брисел,“ изјави премиерот од село Таринци, Општина Карбинци, каде присуствуваше на поставување камен-темелник на доградбата на детската градинка „Кокичиња“.
Мицкоски потенцираше дека реформите се спроведуваат според европскиот мониторинг, нагласувајќи дека земјата не претставува опасност за Унијата, туку е под нејзиниот „чадор“.
„Реформите ги правиме согласно мониторингот на Европа и така ќе продолжиме. Ние не сме опасност, ние сме под чадорот на ЕУ. Но, бидејќи таму во Брисел има политичари кои одлучија да бидат заложници на политичари кои сè уште се со мислите во средниот век, наместо да гледаат кон 21 и 22 век, ние повеќе отстапки немаме намера да правиме додека сме влада. Ако си најдат некоја друга влада, тогаш нека си ја донесат, нека прави. Оваа влада такви отстапки нема да прави, затоа што не е аргументот – тоа е тоа, знаете, 27 се така. Тој аргумент не води таму каде што сме денеска,“ дециден беше премиерот.
Осврнувајќи се на проблемот со вета во Европската Унија, Мицкоски оцени дека преседаните направени со Бугарија и претходно со Грција сега стануваат пракса.
„Една земја на друга по принципот на Бугарија, а порано Грција, си става вето. Кога еднаш направите преседан, тој станува пракса. Секојдневно гледаме дека во ЕУ тоа станува пракса и ја води Унијата таму каде што не треба,“ истакна тој.
Во својата изјава, премиерот потсети и на договорот за усогласување на надворешната и одбранбената политика со ЕУ, потпишан од министерот Тимчо Муцунски со високиот претставник на Унијата, кој, како што додаде, сега не е дел од новата администрација.
