Мицкоски рече дека Битиќи е фрустриран и мизогин лик, СДСМ бара извинување
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието го нарече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи дека е фрустриран и мизогин лик, откако тој на седницата за реконструкцијата на Владата ја критикуваше работата на премиерот. Битиќи рече дека нема никакви економски резултатите, процесот на евроинтеграции е закочен и Владата не прави ништо по тоа прашање, како и дека во земјава владее авторитарен режим.
„Човек кој што е полн со фрустрации и има мизогини карактери собини, љубител е на грантови семејни најчесто, самопрогласен експерт којшто зад себе остави катастрофа, не заслужува внимание никакво од претседател на Влада. Но, бидејќи кажа неколку работи коишто немаат никаква врска со реалноста, дури и овој фрустриран мизогин лик во политиката единствено ќе остане препознат по тоа што најчесто својата етничка припадност ја користи за да ги покрие своите слабости, одлучив еве да му посветам неколку секунди и да му дадам неколку одговори на прашањата. Првото што го спомна е дека ова било авторитарен режим. Авторитарен режим, ќе ви посведочат некои од вашите колеги од ВМРО-ДПМНЕ, значи кога дома во 3 часот им влегуваат полициски единици, наоружани до заби и пред децата и пред нивните брачни другари ги приведуваат, па ги ослободуваат и така натаму. Тоа е режим. Режим не дозволува она што вие го правите на отворена сцена денеска, туку напротив, демократска влада којашто заслужува почит“, рече Мицкоски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски бара извинување.
„Тоа претставува говор на омраза што може да роди насилство. И тоа што следеше по прекинување на седницата беше вистински напад, не само вербален од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници, не само физички, вербално, туку и со пцости. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере“, рече Спасовски на прес-конференцијата во Собранието.
Според него, случувањата во овие две години, како лошата економска состојба, катастрофите во земјоделството, лошите социјални политики, стопирањето на европскиот пат не може да се анулираат преку напади кон опозицијата ниту, пак, преку напади кон пратениците.
фото СДСМ