Мицкоски: Продолжуваат преговорите за поевтино гориво, ДДВто за горивата останува намалено на 10 проценти
Владата продолжува со преговори за да се задржат што е можно пониски цени на горивата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, откако заврши договорот со ОКТА за намалени цени.
Одговарајќи на новинарско прашање што ќе следува по истекот на договорот, Мицкоски рече дека во тек се разговори и дека Владата ќе продолжи да бара решение со кое цената на горивата би останала пониска за граѓаните.
„Во овој момент преговараме и ќе продолжиме да преговараме да биде горивото колку што може поевтино“, изјави Мицкоски.
Премиерот оцени дека земјава и натаму има најниски цени на горивата во споредба со државите од регионот. Тој додаде дека една од мерките што веќе е преземена е намалувањето на ДДВ-то на 10 проценти.
„Остануваме убедливо најевтини со цената на горивата во споредба со земјите од регионот. ДДВ е намалено на 10 проценти“, рече Мицкоски.
Изјавата беше дадена по поставувањето камен-темелник за доградба на ООУ „Јоаким Крчовски“ во Ѓорче Петров.
