Мицкоски: Приоритет е секој граѓанин да има пристап до лековите што му се потребни
Заложба на Владата е заштита на здравјето и благосостојбата на секој граѓанин, заложба што лежи во сржта на нашата мисија.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицковски на денешниот настан „Предизвици и можности во процесот на проширување на листата на лекови кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување“.
- Пристапот до безбедни, ефективни, висококвалитетни и достапни лекови не е само приоритет на здравствената заштита - тоа е основно право што силно влијае на нашата колективна благосостојба и нашите заложби да го подобриме квалитетот на животот на секој еден поединец - истакна Мицкоски.
Тој посоли дека сегашната Влада постигнала значајна пресвртница со проширувањето на Позитивната листа на лекови по пауза од повеќе десет години.
- Ова е доказ за нашата посветеност и проактивен пристап и желба за континуитет во справувањето со еден од најитните предизвици во нашиот здравствен систем. Сепак, иако овој преземен чекор означува напредок, нашите заложби не завршуваат тука. Предизвиците со кои се соочуваме бараат континуирана работа, секојдневна посветеност и решителност. Приоритет е да се обезбеди секој граѓанин да има пристап до лековите што му се потребни без да се соочи со финансиски потешкотии. Наша должност да ги заштитиме граѓаните и да му служиме на нашиот народ - дополни премиерот.
Тој додаде дека за да се надминат постоечките предизвици и да ја постигнеме посакуваната мисија, мораме неуморно да работиме.
- Мораме да ја зајакнеме соработката на сите институции од Владата и да ги вклучиме сите релевантни партнери. Негуваме подлабока соработка помеѓу Министерството за здравство, Министерството за финансии, Министерството за дигитализација, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и медицински помагала, Дирекцијата за е-здравство и другите клучни чинители.
Овој заеднички пристап ќе ни овозможи поефикасно да се справиме со постоечките предизвици и да спроведеме одржливи решенија.
Нашата заедничка цел е да изградиме здравствен систем кој вистински ја одразува нашата посветеност за подобрување на здравјето и благосостојбата на секој граѓанин.
Работејќи заедно со посветеност, решителност и јасност, можеме да ги надминеме предизвиците пред нас и да создадеме иднина во која пристапот до основните лекови не е само стремеж, туку реалност за сите - додаде Мицкоски.
