Мицкоски повторно патува, два дена ќе биде на партиски конгрес во Валенсија
Премиерот Христијан Мицкоски,министерот за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за дигитализација Стефан Андоновски денес и утре во Валенсија, Шпанија, ќе присуствуваат на Конгресот на Европската Народна Партија (ЕПП), каде што членува и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ве известуваме дека на 29 и 30 април, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со партиска делегација составена од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и Тимчо Муцунски, меѓународниот секретар Стефан Андоновски, како и преставници на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ предводени од претседателката Жаклина Пешевска и преставници на Унијата на млади сили ќе присуствуваат на дводневниот Конгрес на Eвропската Народна Партија (ЕПП) во Валенсија, Шпанија“, извести ВМРО-ДПМНЕ.
На конгресот Мицкоски ќе има и свое обраќање на првата пленарна сесија и ќе одржи и неколку билатерални средби. Мицкоски ќе присуствува и на вечерата организирана за лидерите од Европската народна партија.
