Мицкоски: Подготвени сме да чекаме и децении, уставни измени нема да има без предвидливост
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема намера да ја втурне државата во политичка авантура и ново „мочуриште“ без цврсти гаранции од Европскиот совет и видливи придобивки за македонското малцинство во Бугарија.
На денешната прес-конференција во Охрид, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за европскиот пат на Македонија, рече оти актуелната Влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за евроинтегративниот процес. Воедно, тој упати и остра критика за начинот на кој претходната влада ја водела надворешната политика прифаќајки го условот за внесување на бугарското малцинство во Уставот на земјава.
„Ние ќе се бориме, ова се историски процеси, кај нашиот источен сосед политичарите за да го применат принципот на живковизмот чекаа децении за да се родат политичари од типот на тие што беа претходните седум години, така што ако треба и ние ќе чекаме децении, но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет, а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, јас сум кажал дека немам намера додека сум Претседател на Влада по било која цена да влезам во таква авантура“, рече Мицкоски.
Додека политичкото прашање со Бугарија останува отворено, премиерот најави дека Владата интензивно ќе ја заврши својата домашна задача, а како примарна цел за испорачување ги посочи обврските преземени во Реформската агенда, вклучително и акцискиот план за малцинствата, искажувајќи амбиција дека Македонија по ова прашање претендира да биде вистински лидер во регионот.
Сепак, тој предупреди дека доколку Брисел инсистира на промена на Уставот како единствен услов, игнорирајќи ги одличните резултати во сите други сфери, тогаш Владата нема да биде добар соговорник во тој процес без да бидат дефинирани другите детали.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
