Мицкоски по средбата со протераните пратеници вели дека има можност за нивно враќање
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во вчерашниот ТВ-дуел со премиерот Зоран Заев потврди дека имал средба со исклучените осум пратеници кои гласаа за уставните измени и дека разговарале за идниот статус на СЈО. На прашање од водителот, тој рече дека е можно независната пратеничка групоа повторно да се врати во партијата.
- Зошто да не. Политиката секогаш има две насоки, нема само една. Еве, кај СДСМ како се врати Владо Бучковски - рече Мицкоски за време на дебатата со Заев.
Двете страни вчера тврдеа дека разговарале за надминување на разликите во нацрт-законот за Јавното обвинителство и судбината на Специјалното јавно обвинителство.
- За усвојување на амандманите треба да има согласност меѓу сите политички партии и се надевам дека има простор за разговори и договори - изјави Зекир Рамчиловиќ од исклучената пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ.
Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, потврди дека тоа било средба што траела два часа во која биле искажани ставовите кон реформските закони.
Средбата на Мицкоски со пратениците исклучени од ВМРО-ДПМЕН дојде откако опозицијата и власта ги продлабочија разликите околу судбината на СЈО и законот за Јавното обвинителство.
