Мицкоски: Партиите парите да ги пренаменат наместо да ги користат за стерилна кампања
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, апелираше до сите политички партии да се откажат од средствата за кампањата за референдумот, по примерот на неговата партија.
Тој апелира и до Владата средствата да ги пренамени за реконструкција и изградба на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ’ во Тетово.
„Апелирам и до пратеничката група на СДСМ и до останатите политички партии коишто се дел од владината коалиција да ги пренаменат средствата, наместо да ги користат во ваква стерилна кампања во која што ќе се обидат лагата да ја претстават како вистина, капитулацијата како победа“- вели Мицкоски.
Тој предлага власта да ги пренамени парите за санирање на, како што вели, штетните политики на Владата во земјоделството.
„Гледаме дека е пред ескалација проблемот со лозарите, да можат таму да се пренаменат средствата да може маката на лозарите колку толку да биде санирана“- рече Мицкоски.
Тој додаде дека неговата партија ќе промовира нов таканаречен политички волонтеризам.
Тие на граѓаните ќе им објаснат кои се штетните последици од Договорот со Грција.