Мицкоски откри како се „работи“ 31 ден по 24 часа во здравството: Вели лекари работеле со чуден „еликсир“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница посочи дека во здравствениот систем постојат злоупотреби и неетичко однесување од страна на дел од здравствените работници, за што, како што рече, мора отворено да се зборува.
Тој наведе дека има случаи каде поединци преку сомнителни практики пријавувале дежурства и на тој начин значително ги зголемувале своите примања.
-Треба да зборуваме и со доза на критика за одредени здравствени работници кои преку чуден „елексир“ на континуирана работа пријавуваат дежурства и добиваат месечни примања и над 10.000 евра - рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека постојат и случаи каде се пријавувала работа без прекин, дури и во денови повеќе од календарските.
-Има примери на лица кои „работеле“ 31 ден по 24 часа, без одмор и пауза. Чудно, но вистинито - истакна тој.
Според Мицкоски, ваквите појави не можат да се решат само со системски мерки, туку бараат и лична одговорност.
-Ова е и прашање на личен интегритет и одговорност на секој поединец - додаде премиерот.
