Мицкоски: Ние многу дававме за Европа, старт на преговори веднаш
Македонија мора да почне преговори со Европската Унија час поскоро, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска пред Собранието. Откако возеа низ Скопје, демонстратите се упатија со автомобили до Штип. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска на Денот на македонската револуционерна борба (Денот на ВМРО) излезе повторно на протести со автомобили и музика.
„Час поскоро да се случи таа меѓувладина конференција. Тоа е нашата единствена иднина. А ВМРО беше создадено како резултат на прозападните убедувања, затоа што кога многумина во Европа збореа за монархии, царства, ВМРО се бореше и крв лееше за сопствена република на Балканот, рече Мицкоски.
Тој вели дека Македонија дала илјадници жртви во борбата против фашизмот, борбата против крвавиот дел од комунизмот во овие безмалку 30 години независност
„Да не ја заборавиме улогата за стабилизација на Балканот при распадот на Југославија, бегалската криза во 99 година, кога некои земји ги затвораа своите граници, Македонија ширум ги отвори и беше добар домаќин на 100.000 бегалци како резултат на таа криза. Придонесот кој го дадовме за зачувување на мирот и мудроста во 2001-та. Но и постојаното учество на земјава, на нашите македонски војници во мировните мисии ширум светот каде се бориме против заедничките глобални закани како што е тероризмот и радикалните елементи. Воедно Македонија е и браникот преку кој се бранеше Европа од мигрантските налети што се уште се закана. Сакам да кажам, да повторам дека Македонија дава премногу за Европа, нашиот народ и земја секогаш се прозападни, вистинско време е Европа сега и веднаш да му врати на овој народ безусловување, европска иднина, Европа е таа што го има во своите раце иднината на овој народ и иднината на оваа држава. Независно од политичката импотентност на Заев и неспособноста вистински да се препознае стратешкиот моментум, Европската Унија, без условување треба да отпочне веднаш преговори со Македонија, веднаш и тоа да се случи час поскоро. Тоа е единствениот начин да се има цел, а тоа е да се движи земјата напред, рече Мицкоски.
