Мицкоски: Ни треба секој што научил нешто надвор и е подготвен тоа да го вложи дома
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги повика исселениците да се вратат во својот роден крај.
На форумот кој се одржа во владата порача дека држава се гради не само со институции, туку со умови.
„Денес зборувам пред луѓе кои носат посебна тежина во ова општество. Луѓе кои ја знаат татковината и одвнатре и однадвор. Луѓе кои заминале, не затоа што сакале да ја напуштат татковината, туку затоа што животот, времето и околностите ги натерале да бараат подобри услови, сигурност и перспектива. И најважно – луѓе кои се вратиле и тука започнале нова, успешна приказна. Вашето враќање не е симболично. Тоа е суштинско. Тоа е порака дека Македонија не е заборавена, дека корените не се пресечени и дека љубовта кон домот не исчезнува, без разлика на годините и далечината. Како Влада, нашата обврска е да создадеме услови. Да обезбедиме стабилност, правна сигурност, поддршка за инвестиции и јасна насока за развој. Но ниту една стратегија, ниту еден план не може да успее без луѓето. Државата не се гради само со институции. Државата се гради со умови. Со храброст да се преземе одговорност. Затоа гласно велиме дека ни требаат сите. Ни треба секој Македонец кој сака да придонесе. Ни треба секој што научил нешто надвор и е подготвен тоа да го вложи дома. Ни треба секој што верува дека оваа земја може и мора да биде подобро место за живеење. Не ветуваме лесен пат. Но, нудиме смисла. Нудиме можност да се биде дел од нешто поголемо. Нудиме шанса трудот да не биде само личен успех, туку и придонес за заедницата и идните генерации“, вели Мицкоски.Рече дека во 2025 година споредено со изминативе десетина година, имало поголем број повратници, а помал број на луѓе кои се откажале од македонските државјанства.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
Слично
