Мицкоски: Нема дисциплина кај градежните компании со градежната прашина
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на надзорна расправа во Собранието се пожали дека градежните компании не се дисциплинирани кога станува збор за создавањето на голема количина на градежна прашина.
Мицкоски одговараше на прашања на пратениците на покана на собраниската комисија за здравство на тема: ,,Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје"
Во стравувањето со инертната и градежната прашина, тој истакна дека за решавање на овој проблем единствен начин е да се зголеми дисциплината на оние коишто ја создаваат, а од друга страна граѓаните да пријавуваат доколку забележат вакво девијантно однесување со цел Градежниот инспекторат да излезе на лице место и да го констатира истото.
- Тука единствен начин е да се зголеми дисциплината на тие коишто ја создаваат таа прашина. Тоа се најчесто компаниите коишто вршат градежни активности и мислам дека дисциплината не е на високо ниво, истакна Мицкоски.
Тој исто така ги охрабри граѓаните да пријауваат доколку забележат девијантно однесување од ваква природа со цел овој проблем да биде надминат.
- Јас ги охрабрувам и граѓаните ако има такви случаи на девијантно однесување да ги пријавуваат и Градежниот инспекторат да излегува на лице место и тоа да го констатира и се разбира, на таков начин да може да се спречи таквата појава. Но од друга страна со зазеленување на тие површини, така што ова се двата начини со коишто можеме ние да се бориме. Не постои трет начин, а ниту во праксата е познат трет начин. Така што се надевам дека многу скоро оваа дисциплина ќе биде подобрена, заклучи Мицкоски.
