Мицкоски: Не се работи за тоа што клубот се вика „Иван Михајлов“, туку тоа што Македонците не можат да имаат свој во Бугарија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во денешното интервју за „Република“ вели дека неговата партија го наследува континуитетот на Ванчо Михајлов, соработникот на фашистите и Третиот Рајх, како факт. Според претседателот на најголемата опозициска партија, преовладува проблемот што Македонците од Бугарија не можат да регистрираат свои клубови таму.
„На дел од конгресите претседател на ВМРО е Иван Михајлов. И да тој бил во егзил во Загреб каде што живеел и соработувал со тогашната НДХ која била фашистички односно нацистички сојузник. Јас не се согласувам со тоа како тој ја управувал таа партија или организација во тоа време, како се однесувал и со кого соработувал. Како што можеби за некој по неколку децени нема да се согласува со тоа како јас или некои од моите претходници ја водел ВМРО-ДПМНЕ во историска смисла. Но ова е континуитет на една организација која што во современото време станува политичка партија“ одговара Мицкоски на едно од прашањата.
Мицкоски вели дека неформалниот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград е веднаш затворен по отворањето и побара бугарските клубови „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ веднаш да се затворат по силата на Законот за здруженија и фондации, затоа што на Македонците не им е дозволено да имаат свои во Бугарија. „Затворањето на бугарските клубови не е од причина зашто некој бил или не бил соработник со некој режим. Тоа е поради политички реципроцитет. Ако Македонците во Бугарија не можат да имаат свој клуб каде што културно ќе се организираат или да имаат права кои се резултат на пресудите на Судот во Стразбур, јас не гледам ниту една причина зошто овие 1500 граѓани на Македонија кои се декларираат дека бугарскиот јазик им е мајчин да имаат таков клуб и да се организираат во Македонија. Дали е тоа клуб Иван или Ванчо Михајлов или е Цар Борис Трети за мене во политичка смисла е сеедно. И двата треба да бидат затворени, а трет и не треба да се дозволи. Кога зборуваме за политички реципроцитет, тогаш не треба ниту еден клуб да биде оставен отворен бидејќи на нашинците во Бугарија не им е овозможено да имаат свој клуб“, вели Мицкоски.
