Мицкоски не го прифаќа предлогот на Заев, бара техничка влада со експерти
За Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е неприфатлив предлогот на премиерот Зоран Заев, извршната власт да се распоредува според силите во Собранието, односно според освоените мандати и гласови на парламентарни избори.
За претседателот на најголемата опозициска партија, кој во меѓувреме го прележа заболувањето од вирусот Ковид-19, единствено прифатливо е да се состави техничка влада од експерти.
„Оваа власт ќе падне, и ќе падне од народот. Ако Заев е доволно разумен, ќе сфати дека единствената опција е една техничка влада составена од експерти која ќе треба да организира предвремени парламентарни избори“, порачува Мицкоски во разговор за ДВ.
Меѓудругото, Мицкоски најавува и „пролетна офанзива“ со протести и други активности кои дополнително треба да бидат обелоденети.
„Тоа е будење на народот за соочувување на нашата земја, институциите и вредностите во кои веруваме. Протести ќе има, ќе има и многу други работи, коишто, дозволете да бидат соопштени благовремено“, додава тој.
ВМРО-ДПМНЕ влегува во пролетните активности растоварено од инцијативите на внатрешната опозиција, откако вонредниот конгрес, предвиден за 28 март, беше одложен.
