МИЦКОСКИ НАЈАВУВА НОВО ПАРЛАМЕНТАРНО МНОЗИНСТВО: Победивме во 22 општини во прв круг, промени па од утре на работа
Ова е триумф на тие што гласаа и не гласаа, триумф на хероите и на тие што заслужуваат заедничка иднина. Денеска трешти гласот на промените. Вие сте сила на промените, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Соопшти дека имаат најверојатно 22 градоначалници во прв круг, во повеќе од 20 биле првопласирани, а во другите влегуваат во втор круг како второпласирани
„Ова не е финала победа. Ова е прв чекор до нив. Ова не детерминира, она што сакаме од Македонија. Сигурна, интегрирана, богата. Доста е криминал и корупција, доста се делби и апатија. Благодарам народе, ова е твоја победа, ова е победа и одговорност. Нема да ве изневериме. Гарантирам за тоа што го зборувам. Ова е обврска и одговорност. Се што ветувавме ќе направиме заеднички, рече Мицкоски.
Потоа почна да соопштува за општина по општина. Во Аеродром ВМРО-ДПМНЕ победило во првиот круг, а Тимчо Муцунски е новиот градоначалник на оваа општина, но подоцна рече дека сепак се чека официјална потврда. Мицкоски соопшти дека во Кисела вода водат со 2 наспроти 1, а втор круг ќе има и во Центар и Карпош. Вели дека во Сопиште е готова работата како и во Јегуновце, Гази Баба, Бутел, Виница, Петровец и Илинден, Карбинци, но и Велес. Вели дека во Штип победиле во прв круг а во Кочани се водела нерамноправна битка. За Кавадарци изјави дека Јанчев победил со 10.000 гласа разлика, а во Прилеп соопшти дека се победници а во Битола дека се во водство.
„Драги пријатели вечерва ќе се радуваме, но нема да славиме. Утре на работа, за народот. Не чекаат тешки предизвици. Ги повикувам сите гласачи кои сакаат нешто да се промени и сите кои не се определија за нас. Време е да се обединиме. Да покажаме заедништво и слога. Потребни сме и сите заедно на Македонија. Само така ќе успееме. Уште еден чекор не дели од она за кое сите сонувавме. Тие сакаат да наведнеме глава а ние викаме дека сакаме промени, рече Мицкоски.

Соопшти и дека во ноември има партиски конгрес односно дека истекува неговиот мандат и рече дека неговата и политиката на ВМРО-ДПМНЕ е за единство.
Прашан дали ќе бара нови парламентарни избори рече дека сега е рано за тоа но најави дека можно е набрзо да има ново парламентарно мнозинство односно тое да имаат поддршка од 61 пратеник во Собранието.
