МИЦКОСКИ: На првиот ден кога ќе станеме членка на ЕУ, луѓето ќе ги искинат бугарските пасоши
Според премиерот Христијан Мицкоски, откако Македонија ќе влезе во Европската Унија(ЕУ), сите ќе ги искинат бугарските пасоши.
Мицкоски вели дека македонските граѓани не вадат бугарски пасоши поради етничка или национална припадност, туку од економски причини.
„Вистинското прашање е зошто македонските граѓани не побарале бугарски пасош пред Бугарија да влезе во ЕУ. Бугарскиот пасош не е поради етничка или националност. Колку што знам, Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите и Бошњаците имаат бугарски пасоши од економски причини. Сметаат дека на тој начин полесно ќе добијат можност да работат во земјите на ЕУ, а не затоа што се чувствуваат Бугари. И сигурен сум дека утре сите ќе се откажea, да не се случеше оваа неправда и две и пол децении чекање за почеток на преговори. Да имавме нормален пат, како и сите нови земји-членки на ЕУ, ви гарантирам дека ниту еден граѓанин немаше да побара бугарски пасош. Имаме многу внатрешни проблеми, но заслужуваме многу повеќе од многу земји-членки на ЕУ. И гарантирам дека ако го добиеме заслуженото, на првиот ден кога ќе станеме членка на ЕУ, ќе ги искинат. Ви гарантирам“, кажа Мицкоски.
Повикувајќи се на бугарските пасоши, соседна Бугарија тврди дека во земјава има бугарско малцинство и споменуваа бројки и до 100.000.
Инаку, бугарскиот претседател Румен Радев бара поголеми права за Бугарите на Косово, а претходно косовските медиуми објавија дека и лица од бошњачка националност земале бугарски пасоши поради поволности за студии во Бугарија или работа во ЕУ.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
