Мицкоски: На Груби и Ковачевски тежок ќе им биде животот како бегалци
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција како одговор на новинарско прашање рече дека немало пропуст кај институциите за бегствата на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
- Не гледам пропуст во институциите, ниту гледам каков било пропуст тука, зошто прашање на време е кога овие бегалци од правдата ќе се вратат и ќе одговараат. Не е така едноставен животот да си бегалец, па дури и да го смените континентот. Таа работа нема така да заврши, правдата е бавна но доаѓа, рече Мицкоски.
Премиерот рече дека работата на Обвинителството ќе ја коментира само кога ќе види дека „се калкулира по некој предмет“.
Според Мицкоски, Обвинителството се коригирало и била распишана потерницата за Васко Ковачевски откако јавно реагирал за тоа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
