Мицкоски му забележа на Шаќири за значката со албанското знаме - што направи тој?
На седницата за пратенички прашања премиерот Христијан Мицкоски му забележа на пратеникот Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари дека на реверот носи значка со албанското знаме. Премиерот му посочи на Шаќири дека плата добива од буџетот којшто го полнат сите граѓани.
„Последно што знам вие сте пратеник во македонскиот парламент и плата добивате од буџетот којшто го полнат сите граѓани без оглед на етничката припадност. Можеби добра порака ќе беше ако дојдевте со таква значка, но вие таа можност ја пропуштивте“, му рече Мицкоски на Шаќири.
Пратеникот одговори дека знамето е негов национален симбол и дека се гордее дека е Албанец.
„Ова ми го даде претседателот на Албанија. Кога вие ќе ми донесете значка со Република Северна Македонија, на идната седница ќе ја носам и неа. Но дека сум космополит сум докажал со својата работа. Јас сум лице кое никогаш не правело поделби врз верска и етничка основа“, рече Шаќири.
Подоцна му беше врачена значка со македонско знаме која тој веднаш ја закачи на сакото.
Инаку, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, го пречека претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на почетокот на неговата официјална посета на Северна Македонија.
