Мицкоски му порача на Заев дека народот ќе си дојде по своето
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Фејсбук пишува дека премиерот Зоран Заев се става во улога на заштитник на криминалот, со сила сака да ја прекрсти државата и дека се плаши од фер избори.
Вели дека СДСМ имала прилика да докаже дека борбата против криминалот има некакво значење за оваа власт.
„Наместо тоа Заев покажа три работи: Прво, преку неприфаќањето на предлогот и неговото молчење за формирање на независно обвинителство кое ќе се бори против криминалот одбра да се стави во улога на заштитник и промотор на криминалот, неправдата и безаконието во оваа држава. Дополнително со тоа покажа дека борбата против криминалот е само фарса за оваа власт и дека токму таа кумува со сите криминални процеси во државата. Второ, со самото тоа што не се откажува од штетниот договор Заев не ја почитува волјата на граѓаните и пораката кажана на референдум дека договорот се отфрли. Договорот преку кој Заев сака да ја прекрсти на сила државата и народот, е последната сламка за спас на неговата кариера и неуспешен обид да избега од одговорност за сите афери и скандали. Нема друга држава во Светот каде премиерот отворено си кажува дека нема да ја почитува волјата на мнозинството граѓани и јавно кажува дека поисплатливи му се јаловите обиди за условување и уцена на пратеници. Тоа нема да помине. И трето, со отфрлањето на предлогот кој го дадов, Заев и власта покажаа дека се плашат од слободни, фер и демократски избори, затоа што знае дека на тие избори народот ќе си дојде по своето и ќе бидат жестоко поразени, како што беа и на референдумот што помина“- пишува Мицкоски.

Им порача на власта и на Заев да размислат на чија страна се, затоа што тоа не е сеедно.
