МИЦКОСКИ ЌЕ ЈА ТУЖИ СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА: Ќе бара на суд да докаже дека тој нарачувал убиства
Премиерот Христијан Мицкоски, ќе поднесе тужба против Славјанка Петровска од СДСМ, по нејзиното обвинување дека тој стои зад мафијашки пресметки.
„Не ѝ е првпат на Славјанка Петровска да нанесува удар на мене и моето семејство. Таа мене за жал монструозно ме обвини. Тоа јас го составам на нејзината чест и совест. Не сакам да навлегувам во длабочината на нејзината мисла. Се консултирав со мојот правен тим и ќе покренам тужба бидејќи би сакал органите, судот, до крај да го расветлат ова, да видат со какви докази располага Петровска, дека јас сум нарачувал убиства. Јас имам семејство, тоа фунцкионира низ градот. Не би сакал да се најде во непријатна состојба, бидејќи би рекол, одредени политичари се обидуваат да спечалат некој политички поен“, рече Мицкоски.
Петровска на својот Фејсбук профил утрово објави фотографии од премиерот Мицкоски заедно со Борис Мутков – Фантом, кој според Петровска е лик познат во подземјето.
„Утрово ново убиство, нова пресметка. Додека Мицковски се фотографира и се смешка, пукање и мафијашки престрелки на секој чекор. Лично Мицковски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки, затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков – Фантом, познат лик на скопското подземје“, напиша Петровска.

Синоќа во престрелката едно лице е тешко повредено.
