МИЦКОСКИ: Ќе има прегласување во изборната единица 5, очекуваме уште еден пратеник таму
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по прегласувањето во изборната единица 5 очекува обезбедување двотретинско мнозинство од 62 пратеника во Парламентот. Вели дека ова е историска можност за државата.
„Фокусирајќи се на народот, имаме навистина би рекол една историска можност како никогаш досега, во овие повеќе од три децении. Сѐ уште имаме малку да ја завршиме задачата, на 22-ми мај ќе има прегласување во изборната единица 5, очекуваме уште еден пратеник таму и веќе на следното мое обраќање со вас со народот на Македонија да не кажувам за 61, туку да зборувам веќе за 62 пратеника“, рече Мицкоски.
Следната цел, како што додаде Мицкоски, е две третини во Парламентот.
„Мислам дека и тоа многу скоро, денеска веќе, кон крајот на следната недела ќе можеме и тоа да го оствариме, со што ќе биде променет законот за организација на ресорите во самата Влада ќе добиеме нова структура на Влада, модерна Влада, влада којашто ќе одговара на потребите на граѓаните во Македонија“, вели Мицкоски.
Потоа, како што додаде, ќе отпочне еден историски реформскиот процес кој што е досега невиден во Македонија.
Како што најави Арбен Таравари од „Вреди“ до петок треба да има договор за составување на Владата.
Тој најави дека Албанците ќе имаат шест министри и собраниски спикер.
