Мицкоски кажа кој е одговорен за прислушувањето во обвинителството
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски посочи кој е виновен за прислушувањето.
Тој на својот Фејсбук профил објави дека „одговорноста за скандалот со прислушувањето во Обвинителството е на Зоран Заев, кој е година и пол премиер и ја контролира и централната и локалната власт“.
Вели дека власта соопшти скандалозна вест дека обвинителството и судството прислушкувани.
„Тоа значи дека таму некаде некој кој денес е власт прати порака, судиите и обвинителите ги имаат во рака, со снимани разговори, уценети, им требаат покорни на политичките наредби, додека правдата се заобиколува“, напиша Мицкоски.
Предистражната постапка е отворена веднаш по добиените сознанија дека телефонските разговори остварени преку фиксна телефонија во зградата на јавното обвинителство биле снимани, информираа од обвинителството.
„Иако пронајдените податоци со снимени разговори на двата хард диска од телефонската централа датираат од 30.09.2016 година, постојат индиции кои укажуваат дека снимањето траело од набавката и инсталирањето на опремата, односно од 2013 година. Во таа насока, се проверува и дали снимените разговори биле избришани или пренесени на друг уред. Како што веќе известивме, првичните сознанија од предистражната постапка укажуваат дека снимањето се вршело на двата хард диска од телефонската централа во новиот објект во кој се сместени просториите на Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија. Во рамките на постапката се врши проверка и на тендерската документација за набавка на опремата и на овластувањата за нејзино користење“, велат од обвинителството.
Дополнително, Јавното обвинителство работи на проверка и на индициите дека ист или сличен систем за снимање на телефонски разговори бил употребуван и во други правосудни институции.