Економија, финансии, бизнис

Контакт

MИЦКОСКИ: Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет, како премиер нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски

MИЦКОСКИ: Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет, како премиер нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека македонскиот јазик не е само минато, тој е мост до иднината. 

„Затоа овој јубилеј нека не биде само момент на сеќавање туку и миг на будење, миг кога повторно си кажуваме – ова е наше, ова е вредно, ова е вечно“, изјави Мицкоски вечерва на свечена академија во Македонскиот народен театар по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

Цитирајќи ги Крсте Петков Мисирков и Блаже Конески, спомнувајќи ја заложбата и на нивните претходници – просветителите, преродбениците и учебникарите, премиерот нагласи дека тие се грамадни личности кои ги поставиле темелите на јазикот како идентитетско обележје и затоа, рече, иако е кодифициран и станал официјален во 1945, јазикот постои многу векови.

„Пред 80 години на оваа почва се кодифицираше македонскиот литературен јазик. Тоа беше повеќе од административен чин. Тоа беше признавање на една длабока, искрена, долга и тешка борба на еден народ за свое име, свој израз и своја самобитност. Оваа кодификација не произлезе преку ноќ. Таа беше плод на децении работа и истрајност на големи луѓе и на генерации интелектуалци, учители, поети, новинари, читатели. Секој од нив вложи збор, мисла, срце“, рече Мицкоски. 

Порача дека јазикот „не е нешто што се чува во витрина“ и мора да се говори, да се создава и да се развива, а за таа цел, рече, најголема надеж се младите. Им се обрати и на Македонците во дијаспората со порака на идните поколенија да им го пренесуваат македонскиот јазик кој, рече, е „нераскинлив дел од нашето национално ткиво“.

фото Фејсбук/Христијан Мицкоски

Слично

Поврзани вести