Мицкоски ја нарече скандалозна одлуката за прекин на истрагата за „Мазут“
Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени како „скандалозна“ одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) да ја запре истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, истакнувајќи дека ЕЛЕМ, сега ЕСМ, веќе поднело жалба.
„Очекуваме Вишото јавно обвинителство правилно да ги разгледа сите факти и да одлучи по жалбата“, изјави Мицкоски.
Обвинителството соопшти дека по едногодишна истрага за набавката на мазут во време на енергетската криза, не биле обезбедени доволно докази за кривична постапка против 13 физички лица и една компанија – РКМ. Меѓу осомничените се Ратко Капушевски, Асмир Јахоски – сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, како и поранешните директори на ЕСМ Васко Ковачевски, Адриан Муча и Ерџан Сулковски.
Кривичната пријава лани ја поднесе МВР, тврдејќи дека државата била оштетена за повеќе од 167 милиони евра преку набавките и транспортот на мазутот.
По запирањето на истрагата, ЕСМ поднесе жалба, а адвокатите на дел од осомничените најавуваат можни барања за отштета поради притворот што им бил определен за време на постапката.
