Мицкоски: Имаме сериозен проблем со испораката на правда
Премиерот Христијан Мицкоски денес во обраќањето во Прилеп по повод празникот „11 Октомври“ повторно побара промени во правосудниот систем.
- Знам дека сме во период на избори и во период кога сензитивноста е преголема на сите страни. Но сакам да подвлечам две работи. Првата – дека имаме сериозен проблем со испораката на правдата, а клучот на сите заглавени обвиненија седи на две адреси со заеднички господар. Мораат судството и обвинителството се во канџите на поранешните политичари, и тие мора да се ослободат. Не може за милиони украдени пари да не се одговара поради нечија политичка близина. И ако тука, во овие случаи, нема правда, што ли се случува со многу други случаи на граѓани заглавени за ситни, но за нив многу важни предмети – меѓу нив имоти, кривични пријави, граѓански спорови.
И за овој ресет на системот што ќе го спроведеме, не мислам на реванш, а во изминативе месеци покажав дека правдата е за сите иста и за, како што вели нашиот противник, „наши и ваши“, и овие категории нема да имаат разлика и за мене се непознати. Туку или некој се огрешил, или не се огрешил кон законот. Или е криминалец, или не. Или ќе има правда, или нема да нè има. А мора да нè има и мора да победиме со градење на систем во кој мора да веруваме и што ќе го оставиме на чесни професионални луѓе, рече Мицкоски.
