Мицкоски: Им посакувам успех на СДСМ и БЕСА
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, очекува владеачкиот СДСМ и опозициската партија од албанскиот блок БЕСА да формираат предизборна коалиција наскоро и заедно да настапат на парламентарните избори на 12 април.
- На движењето БЕСА и на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија им посакувам се најдобро, им посакувам да се договорат за коалицијата, да излезат заедно на избори. По 12 април, откако ќе ги видиме резултати ќе разговараме за евентуално коалицирање со партија од албанскиот блок. Гледам дека сега тие разговараат, заедно да блескаат. Јас ја користам оваа прилика да им посакам успех на двете партии, изјави лидерот на најголемата опозициска партија по состанокот со Македонско-турската стопанска комора.
Ова беше одговор на новинарско прашање упатено до Мицкоски за тоа дали неговата партија размислува да направи предизборна коалиција со партнер од албанскиот блок. Тој воедно најави дека денеска ќе биде објавен коалициониот состав на „Обнова за Македонија“, односно кои други партии ќе му се придружат на ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е уште посилно мотивирано за победа на 12 април поради замрзнатиот имот на партиското седиште и ги повика граѓаните да излезат на денешниот марш од Јавното обвинителство до Врховниот суд.
- Гледаме како се манипулирале специјални јавни обвинители, а тој истиот мене ме уценуваше со замрзнатиот имот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски пред медиумите.
