Мицкоски: И одложив на Русковска, а потоа не ми се јави
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска пред партиското седиште демантираше дека одбивал соработка со обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
Таа во синоќешното интервју на ТВ 24 рече дека пред лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како што рече, да мафта со документи за кои тврди дека се од истрагата „Рекет“, му се јавила на телефон за неговите изјави дека има сознанија за многу други случаи. Но, тој и рекол дека не изјавил баш така и потоа и откажал средба.
„Русковска ја манипулира јавноста дека не сум сакал да соработувам. Ми прати порака, тие деновиви не можев, па и пратив порака да ме побара после август. Не ми се јави еве уште“, изјави претседателот на најголемата опозициска партија пред новинарите.
Русковска синоќа на телевизија рече дека го побарала Мицкоски на телефон затоа што имал претходно изјавено дека никој не го викнал во ОЈО а он знаел и за други случаи од „Рекет“.
- Го прашав за кои случаи има сознанија, рече дека он тоа не го кажал тоа. Го прашав дали има сознанија за други луѓе од кои биле барани пари, рече ќе размисли. Јас сум сигурна дека нема да сака да помогне, но не ја исклучувам можноста да биде повикан, рече Русковска.
