Мицкоски и објаснил на Меркел зошто за нив е неприфатлив Договорот од Преспа
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ставот на партијата за референдумот на 30 септември не ѝ го кажал ниту на германската канцеларка, Ангела Меркел со која се сретна во Германската амбасада во Скопје.
Мицкоски рече дека имал пријателска средба со Меркел, како лидери на две сестрински партии.
„Главен акцент на разговорите беше претстојниот референдум. Јас ги истакнав позициите на нашата партија, зошто ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати овој договор со Грција. Ја запознав со нашата акција ’Лето за Македонија‘, која е во тек, укажувајќи дека ние како партија ќе се ориентираме според волјата на граѓаните. Во текот на наредната недела ќе имаат состанок партиските тела и конечно ќе ја утврдиме нашата позиција за референдумот на 30 септември“- вели Мицкоски.
Меркел замина кон аеродромот без да даде изјава по средбата со Мицкоски.
Таа во текот на денот порача дека за премиерот и за лидерот на опозицијата има иста порака.
