МИЦКОСКИ И МАКРОН СЕ СРЕТНАА ВО ТИВАТ: Премиерот откри за што зборувале отворено и директно
Mакедонскиот премиер, Христијан Мицкоски, како „пријателски и срдечни“ ги оценил одделните средби што ги имал со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар, Фридрих Мерц за ЕУ интеграција, „нон-пејперот“ и иднината на Западен Балкан во Тиват во Црна Гора.
Средбите се случија по заедничкиот документ на Германија и Франција, со кој се предлага постепена интеграција и забрзано проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Во објави на социјалните мрежи, Мицкоски информираше дека биле разменети мислења за европските перспективи на регионот.
По средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, македонскиот премиер наведе дека разговарале „отворено и директно“.
„Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи – теми на кои работиме долго време. Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред“, наведе Мицкоски во објавата на социјалните мрежи.
Сепак, останува условот Македонија прво да ги внесе Бугарите во Уставот, а потоа да почне преговори. Ова го повтори и бугарскиот премиер Румен Радев.фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
