Мицкоски: Груби е обезбеден од органите на редот, агонијата за поединци допрва почнува
Премиерот Христијан Мицкоски днееска во Собранието како одговор на пратеничко прашање за прв пат го искоментира предавањето на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и одлуката за негово спроведување во куќен притвор.
Тој рече дека го разбира гневот на граѓаните што Груби не е во ефективен притвор за случајот „Државна лотарија“, но затоа рече дека опозицијата стравува дека со неговото враќање во Македонија тој ќе им го откриел криминалот.
„Не треба да има дилема дека постои револт. Во минатото ова лице заедно со неговите коалициони партнери во владата се однесуваше недостоинствено кон граѓаните од сите етнички заедници. Таквиот начин на однесување предизвикува ваков тип на реакции. Во минатото слушавме како луѓе од власта се договараа со правосудството како се менуваа пресуди.
Ајде да ја видиме логиката, да направиме анализа. Да видиме што е политичкиот инженеринг. Јас бев најнапаѓан политичар од Артан Груби. Која е таа логика јас да се договарам со некој кој сака да го види мојот политички крај, а дел од нив и мојот човечки крај.
Бегалецот е обезбеден од органите на редот и се понатаму е одлука на друга власт. Но сега тие се загрижени и си викаат - што знае сега овој, седат и се вознемирени. И размислуваат како може ова да заврши. Повеќе го нема Љупчо Коцевски. Сега ќе дојде нов независен обвинител, или обвинителка, ќе видиме. Сега си викаат - доаѓа крајот. Таквите како нив ќе одговараат. Фактот е дека лицето е обезбедено и допрва почнува агонијата за поединци“, рече Мицкоски.
