Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мицкоски ги обвини СДСМ и Левица дека го блокираат електронското гласање за дијаспората

Мицкоски ги обвини СДСМ и Левица дека го блокираат електронското гласање за дијаспората

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Неготино, премиерот Христијан Мицкоски ги обвини СДСМ и Левица дека со поднесување амандмани на измените на Изборниот законик го блокираат електронското гласање на македонските граѓани кои живеат во странство.

Мицкоски рече дека двете партии поднеле 13.000 амандмани со цел да го спречат решението со кое дијаспората би добила можност да гласа по електронски пат. Според него, причината е политичка и е поврзана со страв дека опозицијата ја нема довербата на иселениците.

„Политичката партија СДСМ, во коалиција со политичката партија Левица, поднесоа 13.000 амандмани со цел да го спречат гласањето на нашинците во дијаспората, плашејќи се дека ја немаат нивната доверба. Најпрвин СДСМ, кога беше влада, со својата катастрофа и катаклизма што ја донесе, мотивираше и избрка голем дел од нашите граѓани да ја бараат среќата надвор од татковината, а сега истите ги казнува по втор пат. Не им дозволува да учествуваат на избори. Еве, ако се плашат за парламентарните избори, ние велиме за следните претседателски избори па натаму, да ѝ се даде можност на дијаспората да гласа електронски“, изјави Мицкоски.

Премиерот ја обвини Левица дека учествувала во разговорите за Изборниот законик и во усогласувањето на решенијата, а потоа одбила да го поддржи текстот. Тој рече дека власта била подготвена да прифати забелешки и амандмани за различни делови од изборниот процес, вклучувајќи го начинот на гласање и постапките за жалби.

Мицкоски нагласи дека гласањето на дијаспората останува клучна позиција од која Владата нема намера да се повлече. Според него, иселениците треба да имаат реална можност да учествуваат во изборите и да ја задржат врската со државата, бидејќи тоа е еден од начините да се зачува нивната поврзаност со татковината и мотивот еден ден да се вратат дома.

„Нашата порака беше јасна, кажете сè, сè ќе прифатиме. Не ви одговара заокружување на бројче и име, дајте амандман, ќе го прифатиме. Не ви одговара начинот на поднесување жалби, кажете како, ќе прифатиме. Но, наша црвена линија е гласањето на дијаспората“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека сегашниот начин на гласање за дијаспората е скап и неефикасен, бидејќи државата троши средства за организација на процес кој, според него, не дава доволно добри резултати. Мицкоски посочи дека во земји како Австралија, Канада, САД, но и во Европа, граѓаните често мора да патуваат со часови за да го остварат своето право на глас.

Премиерот ги повика СДСМ и Левица да ги стават националните интереси пред политичките и да овозможат продолжување на постапката во Собранието.

Слично

Поврзани вести