Мицкоски: Фетаи ќе се врати во Брисел
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека Арбен Фетаи повеќе нема да биде министер за добро владеење и транспарентност и повтори дека реконструкцијата на Владата најверојатно ќе се случи на крајот на мај или почетокот на јуни и најави множна ротација на ресори.
„Разговаравме јас и тој лично. И тој лично ми пренесе дека во иднина нема да се гледа повеќе во Владата, која што јас ја предводам. Тоа беше уште можеби пред неколку недели. Тој рече дека ќе се врати во Брисел имајќи го предвид неговото образование, искуство во рамките на институциите во Брисел, јас мислам дека би била тоа добра можност тој да биде некаков специјален пратеник во рамките на Европскиот парламент, на бриселската администрација“, рече Мицкоски во интервју на Тема на денот на ТВ Сител.
Додаде дека заедничко мислење било дека државата треба да ги искористи неговите контакти и знаење во Брисел.
Во однос на реконструкцијата, премиерот Мицкоски рече дека се уште е фокусиран на внатрешното организирање на ВМРО-ДПМНЕ, а дека промените во Владата би се случиле во втората половина на мај или почетокот на јуни. Најави можна промена на ресори и одредени имиња во идниот владин состав.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
