Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мицкоски: Eлитата на празничните трпези ќе има златни лажици, а кај најголемиот дел од народот живот на вересија

Мицкоски: Eлитата на празничните трпези ќе има златни лажици, а кај најголемиот дел од народот живот на вересија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката по повод 1-ви Мај - Меѓународниот ден на трудот, вели дека оваа година работникот и неговиот труд како никогаш досега е девалвиран и потценет. 

Според него, оваа година е најцрната економска година за Македонија. Додава дека за една година во Македонија има над 60 илјади нови невработени, преку 6.000 компании кои ставија клуч на своите врати и скоро 600 илјади лица живеат во сиромаштија. 

„Згора на сето тоа животот станува се поскап, цените на основните намирници растат, поскапуваат горивата и струјата, а со тоа и трошоците на секое едно семејство. Безнадежноста и чувството дека се оставени сами на цедило го одбележуваат овој 1-ви Мај.  Чувството на горчина кај секој од нас не е само поради падот на стандардот, туку и поради негрижата и лошите политики на оваа власт, кои не даваат надеж дека наскоро работите ќе се подобрат. Да, пандемијата влијаеше врз нашите животи, врз економијата и стопанството, но во Македонија црните економски статистики и колапсот се најизразени во споредба со целиот регион. Сликата со правата на работниците и нивниот стандард никогаш не била потажна и поцрна. Мерките кои оваа влада ги превземаше беа или необмислени или задоцнети, па наместо конкретна помош се претворија во обична маркетинг шминка. Наместо ветуваните над милијарда евра помош, кај стопанството и кај работниците завршија само трошки. Токму затоа имаме состојба во која кај елитата на празничните трпези ќе има златни лажици, а кај најголемиот дел од народот живот на вересија. Затоа кај истата таа елита гледаме скапи мотори и хациенди, а кај огромно мнозинство на граѓаните грижи како да ги платат сметките, како да ги вратат кредитите и како да врзат крај со крај во месецот“, пишува Мицкоски. 

На крајот од честитката тој порачува дека е време за промени. 

Синдикатите имаат повеќе барања кои бараат да бидат исполнети, со цел да се подобри положбата на работниците. 

Слично

Поврзани вести