Мицкоски: Доколку мерит системот биде единствен критериум, убеден сум дека ќе бидеме меѓу првите кои ќе стигнат до целта
Македонија беше првата земја во регионот што го операционализираше Инструментот за реформи и раст и прва што доби пред финансирање согласно европскиот План, истакна премиерот Христијан Мицкоски на самитот „Нашиот пат кон ЕУ“, кој се одржа денеска во Тирана.
„Нашата порака е дека Македонија испорачува, и сега очекуваме од нашите партнери правичен и меритократски пристап“, рече Мицкоски во своето обраќање, нагласувајќи дека билатералните спорови не смеат да бидат критериум за напредокот на земјите во европската интеграција.
Вели дека не гледа суштина ако билатералните проблеми се тие што одлучуваат дали земјите треба да станат полноправни членки на ЕУ.
„Суштината ја гледам во испораката на реформите и чекорите што ги исполнуваме. Доколку мерит системот биде единствен критериум, убеден сум дека ќе бидеме меѓу првите кои ќе стигнат до целта“, додаде премиерот.
Во обраќањето на албанскиот премиер Еди Рама беше оценето дека регионот се наоѓа во период на најдлабоки реформи досега, со силни трансформации кои имаат за цел создавање европски модел на управување.
Еврокомесарката Марта Кос во своето обраќање порача дека земјите од регионот веќе ги чувствуваат првите придобивки од европските интеграции, меѓу кои и пониските трансакциски трошоци преку СЕПА.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
