МИЦКОСКИ ДО РАДЕВ: Сакам да ги следиме примерите на балтичките, скандинавските земји, но со навреди таа работа не бива
Maкедонскиот премиер Христијан Мицкоски му одговори на бугарскиот претседател Румен Радев и рече дека работите не се решаваат со навреди.
„Навикнат сум на омаловажување и навреди, но мислев дека таквиот начин на однесување сме го оставиле во средниот век“, изјави Мицкоски коментирајќи ја изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев кој рече дека македонскиот премиер нема познавање од меѓународното право.
Тој вели дека треба да го следиме примерот на балтичките или скандинавските земји.
„Јас сакам како балкански држави да ги следиме примерите на друг тип држави како што се балтичките, скандинавските, па сите заедно со изградени мостови сложно и здружено да настапуваме на трети пазари пред официјалните лица во ЕУ, насекаде во светот да градиме една добрососедска политика. Со омаловажување и со навреди таа работа не бива. Ако тие одлучиле така да тераат, јас мислам дека ваквиот начин на однесување сме го оставиле во средниот век“, изјави Мицкоски.
Тој на Радев и на грчкиот премиер Киријакос Мицкотакис, за кои кажа дека се поискусни од него и подолго време на позициите, им порача да ги преиспитаат своите изјави начин на однесување и додаде дека македонскиот народ е мирољубив и подготвен за разговор и соработка која треба да е обострана.
Радев вчера од Атина порача дека раководството во земјава нема познавање од меѓународното право. Вели дека договорите кои се меѓународни мора да се почитуваат, а не може да се ревидираат.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
