МИЦКОСКИ ДО ГРЦИЈА: Ако тие мислат дека ние сме го прекршиле договорот тогаш постои Меѓународен суд за правда
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за свечената заклетва на претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова која не ја спомена придавката „Северна“ изјави дека таа беше достоинствена и дека очекувал честитка од нашиот јужен сосед, наместо политички мускули.
„Ценам како ВМРО-ДПМНЕ, а и тамошната влада предводена од Нова демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, нити на едните ниту на другите ни се допаѓа тој договор“, рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека за разлика од Грција, Преспанскиот договор е дел од македонските институции, од македонскиот Устав и закони и комуникацијата во институциите и самите институции остануваат согласно Уставот, но негово основно човеково право е како својата држава ќе ја нарекува пред јавноста и медиумите.
„Ако тие мислат дека ние сме го прекршиле договорот тогаш постои Меѓународен суд за правда па таму ќе ги вкрстиме аргументите. Не би сакал до тоа да дојде, повикувам на пријателски односи, да се помагаме. А ако некој очекува од ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори грешките од минатото бидете сигурни дека тоа нема да го направиме“, вели Мицкоски.
Мицкоски додаде дека се очекува да биде ратификуван протоколот кој ќе се однесува на економската соработка помеѓу двете држави.
„Сакаме да економска соработка и ја користам оваа прилика да ги поканам грчките компании да инвестираат во Македонија, ние сакаме да им посакаме добредојде, како и македонски компании да инвестираат во Грција, така треба да соработуваат партнери. Нема втора можност за прв впечаток, а за жал првиот впечаток од нашиот јужен сосед наместо честитка за убедлив триумф и на ВМРО-ДПМНЕ и на Силјановска видовме на отворена сцена политички мускули“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека нема да ги ратификува трите меморандуми кои произлегуваат од Преспанскиот договор откако опозициската СИРИЗА ги достави за гласање во парламентот.