Мицкоски: Денеска ќе предложам ново име за технички министер за внатрешни работи
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави дека најголемата опозициска партија ќе предложи друго име за технички министер за внатрешни работи, откако полковникот Драган Ковачки беше неприфатлив за премиерот Зоран Заев и СДСМ поради толкувањето на Уставот дека оваа функција треба да ја обавува цивилно лице.
Мицкоски рече дека новото лице не е партиски член и дека вчера се слушнал телефонски со Заев. Ќе имаат уште една консултација во текот на денот и очекува новиот предлог да биде прифатлив за власта.
- Станува збор за професионалец, следуваат последни телефонски консултации со Заев кога ќе се врати од одмор и со Али Ахмети. Нема да дозволам Заев и Спасовски да го имаат тоа задолвослтво и да избегаат од избори, рече Мицкоски.
Тој ја обвини власта дека извршила неправда кон Драган Ковачки со тоа што, како што вели тој, сама го толкувала Уставот.
- Зоран Заев и Оливер Спасовски не се судии. Секој граѓанин во државата има право да учествува во раководење на државни функции. Кога станува збор за уплашените Заев и Спасовски никогаш не им пречи да ја прифатат улогата на Уставен суд. Државата треба да се гордее што има такви лица во своите редови како Драган Ковачки, наведе Мицкоски.
Тој додаде дека раководител на МВР не смее да ја застапува партијата, а актуелниот Оливер Спасовски бил потпретседател на СДСМ кога Заев го назначил на чело на министерството и со тоа, според Мицкоски, го прекршил законот.
- Лицемерие и дволичен карактер. За неколку месеци за сето ова ќе се поведе одговорност и правилно ќе се чита и Уставот и законите, порача Мицкоски.
