Мицкоски даде свое видување за настаните во Венецуела
Стоиме зад потезите и аргументите на нашиот стратешки партнер, САД, а меѓународното право се кршеше и на грбот на македонските граѓани, вели премиерот Христијан Мицкоски, за случувањата во Венецуела.
„Она што мене најмногу ме загрижува е громогласната тишина од истите тие европски и светски земји. Се случуваше во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на македонските граѓани, и како тогаш сите тие оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. Како сега наеднаш сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било. Имајќи предвид дека познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународно-правни експерти“, рече премиерот.
Вели дека и досега имало преседани.„Преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на Обединетите нации, кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име, кога се лажеа луѓето дека за три-четири години ќе станеме членка на ЕУ. Тоа се вистински преседани. А дали ова што го кажувате е преседан или не, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер САД“, одговори Мицкоски.
На крајот додаде дека имаше и хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше, па тогаш имало „громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат“.
Инаку, венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга беа заробени преку ноќ како дел од големата американска воена операција во Каракас, во која, како што рекоа властите, учествувале над 150 авиони.
фото Фејбук/Христијан Мицкоски
