„МИЦКОСКИ ДА ОДГОВАРА ЗА ШИРЕЊЕ СТРАВ И ПАНИКА“: СДСМ вели дека Тошковски признал дека нема центри на моќ зад пожарите
Опозицијата преку соопштение побара одговорност од премиерот Христијан Мицкоски за ширење страв и паника, откако како што тврдат, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски признал дека нема центри на моќ зад пожарите.
„Панче Тошковски во интервју призна дека нема осомничени дека одреден центар на моќ влијаел да се подметне пожарот во Трубарево и дека нема странски и домашни центри на моќ кои ја палат Македонија. Ова признание на Тошковски e директент демант на изјавите на Мицкоски. Дополнително, признанието на Тошковски е потврда дека Христијан Мицкоски ги злоупотребил институциите и безбедносната состојба со цел да ја покрие сопствената неспособност“, велат од СДСМ.
Од партијата реагираат дека се работи за злоупотреба на безбедносната состојба.
„Ова е потврда и дека Мицкоски без основа ширел страв и паника во јавноста. По ова признание на Тошковски, Христијан Мицкоски треба да одговара за предизвикување страв и ширење паника во јавноста без да се базираат на било какви факти и докази. Ваква злоупотреба на безбедносната состојба само за да си го спасува рејтингот ниеден премиер не се осмелил да прави. Оваа влада и овој премиер се опасност по граѓаните, по нивниот живот, по здравјето, но се опасност и по институциите кои ги множат со нула и по државата во целина“, стои во соопштението на СДСМ.
