Мицкоски чека абер од Села в четврток
Коментирајќи ја изјавата на Зијадин Села од Алијанса за Албанците, во однос на тоа дали ќе ги повика гласачите на Блерим Река да излезат да гласаат во вториот круг од изборите, Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека очекува конечниот став тој да го каже на Претседателството на партијата закажано за в четврток пред вториот круг претседателски избори на 5 мај.
-Неговата изјава е во насока на подобрување на демократијата, во насока на она што е есенција во демократијата, а тоа е граѓаните кои се неприкосновен суверен на своето право да гласаат, дали ќе гласаат или нема да гласаат. Ако гласаат да одлучат како ќе постапат на 5 мај, во вториот круг. Апсолутно, не би се согласил дека тоа е во насока на апстинирање. Напротив, тоа е во насока на подобрување и зајакнување на демократските капацитети во државата, вели Мицкоски.
Во моментов Гордана Силјановска Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, како и Стево Пендаровски, кандидатот на владината коалиција, ги очекуваат гласовите од Блерим Река, кој отпадна во првиот круг од претседателските избори.
