МИЦКОСКИ БАРА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗВОРИ: Преспанскиот договор не ни се допаѓа, но тој е реалност и ако не го почитуваме ќе имаме проблем
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека се потребни брзи предвремени парламентарни избори, по кои би можела да дојде влада која ќе има легитимитет од народот.
Според него, Преспанскиот договор е реалност која на неговата партија и на голем дел од граѓаните, не им се допаѓа. Но, како што нагласува, доколку не се почитува таа реалност во рамките на административното функционирање на институциите, тогаш ќе имаме проблем со други истанци, како што се обвинителството и судството.
Дали ќе работиме таа реалност еден ден кога ќе имаме можност да се промени - јас ви кажувам да, работиме, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Ние функционираме во оваа реалност. Оваа партија има пратеници во рамките на Собранието, потпишале изјава тие пратеници со новата изјава. Кој ја донесе таа нова реалност? Зоран Заев ја донесе и ние сме се произнеле по таа реалност многу пати во минатото. Еве, како што велите и вие, дел од градоначалниците коишто се избрани од коалицијата „За обнова на Македонија“ и се дел од ВМРО-ДПМНЕ се произнесуваа. Дали таа реалност ни се допаѓа? Не, не ни се допаѓа, еве ќе ви кажам дека не ни се допаѓа. Но, доколку не се почитува таа реалност во рамките на административното функционирање на тие институции тогаш ќе имаме проблем со други истанци – обвинителство, судство итн. Дали ќе работиме таа реалност еден ден кога ќе имаме можност да се промени јас ви кажувам да, работиме. Но, во моментот таа е реалноста во која што функционираме сите ние како жители во Македонија и таа реалност е таква болна, понижувачка за сите нас коишто ја чувствуваме Македонија и само Македонија како наша татковина“, рече на денешната прес-конференција Мицкоски на новинарско прашање дали ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ќе го почитува Преспанскиот договор.
Тој додава дека кога се носеа и потпишуваа тие договори беа ветувани многу работи – реформи, дека подобар живот, европско образование, кои вели, не се остварија и затоа се потребни брзи предвремени парламентарни избори и со тоа да може да дојде влада која ќе има легитимитет од народот и која сериозно ќе работа на спроведување проекти за подобар живот на граѓаните.
Според него, Владата е целосно делегитимирана и нејзините политики го немаат кредибилитетот меѓу народот.
Најдобро решение е без одлагање, брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат стабилна влада и вадење на Македонија од кризата. Брзи избори за кои нема да има алтернатива затоа што потребна е стабилна влада, рече Мицкоски.
Тој вели и дека треба да се направи и консултација со ДИК, за да се види како и во кој рок Комисијата би можела да ги организира изборите.
